ПО 12 НАГРАДИ ВО СТРАНСТВО, ТАЊА КОЧОВСКА ПРВПАТ ДОБИ ФЕСТИВАЛСКА НАГРАДА ВО МАКЕДОНИЈА НА ФЕСТИВАЛОТ „5РЕ“ ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРT СДК.МК)

Ја добив мојата прва актерска награда во Македонија, кажа Тања Кочовска во видеопорака при добивањето на наградата за најдобра споредна женска улога на фестивалот „5РЕ“ во Велес. Кочовска е наградена за ликот на Спиројца во претставата „Народен пратеник“ на Македонскиот народен театар, во режија на Егон Савин.

„Додека седам на клупава во паркот во Пожаревац, каде сме на гостување со истата претстава, сфатив дека ова ми е прва македонска фестивалска награда. Имам 12 меѓународни награди и нешто македонски, но оваа е прва фестивалска. Ви благодарам, ќе ве памтам засекогаш. Му посакувам успех на фестивалот ‘5РЕ‘”, рече Кочовска.

Театарскиот фестивал „5РЕ“ се одржа по петти пат. Три од шесте награди на жирито се за претставата „Од другата страна“ на Црногорско народно позориште од Подгорица. Таа е добитник на Гран-при наградата за претстава во целина и на наградите за режија (Борис Лијешевиќ) и за главна машка ролја (Александар Радуловиќ). 

Двајца актери од претставата „Куршуми над Бродвеј“ на Драмски театар од Скопје добија награди: Јована Спасиќ за главна женска ролја и Сашо Тасевски за споредна машка улога.

За наградите одлучуваше жирито во состав Зорица Панчиќ, Владимир Тулиев и Елеонора Теова

Петтото издание на фестивалот се одржа со финансиска поддршка од 20.000 евра од Општина Велес и од Министерството за култура. Беа одиграни седум претстави, од кои две од Србија и Црна Гора, сите се играа пред распродадена сала.

П. ПЕЧКОВ

(Фото: МНТ)