Со врескање и еуфорија беше пречекан хрватскиот пејач Јаков Јозиновиќ на првиот концерт во Скопје, кој се одржа вчера (9 април) во салата „Јане Сандански“.
Новиот музички феномен, како што го нарекуваат во регионот, откако десетпати ја распродаде „Сава центар“ во Белград, дојде и во Скопје и рече дека не можел ни да сонува дека луѓето овде го знаат, а камоли да пее пред полна сала. Во поранешна Југославија одамна немало поголема млада ѕвезда во поп-музиката. Тинејџерките му го обожаваат големиот хит „Јас сакам“ (Ја волим), а повозрасните обработките од Тоше, Здравко Чолиќ, Оливер Драгојевиќ, Ѓорѓе Балашевиќ и „САРС“, кои ги пее со многу шарм и енергија. И тоа е доволно целата сала да вреска, во фан-питот младите обожавателки, а на трибините повозрасните.

Младиот пејач (21) од Винковци има снимено три свои песни, од кои последната е огромен хит.
„Жал ми е што имав само две години кога загина Тоше. Бев во Крушево пред да дојдам во Скопје да го видам неговиот Спомен-дом, тој е за мене еден од најдрагите пејачи. Ги пеам неговите песни на хрватски, но вечерва се потрудив да научам песна на македонски“, рече Јозиновиќ.
На прес-конференцијата по концертот, тој кажа дека имал еден ден да ја научи „Боже, чувај ја од зло“ и ја испеа заедно со публиката. Една од најдобрите негови изведби беше уште еден хит на Тоше, „Игри без граници“.
Скопската публика излезе најгласна во регионот, според децибелите што Јозиновиќ ги измери откако ги замоли фановите да врескаат силно четирипати.
„Разговарав со мојот тон-мајстор и му реков: ‘Искрено кажи ми, ако навистина не е точно, не би сакал да ги лажам луѓето’. Така што, првите трипати не беа најгласни, но четвртиот пат беа 120,8 децибели. Колку што јас знам, 120 е полетување на авион. Така што, бевме многу блиску“, рече пејачот.
Додаде дека кога отишол во Крушево, се изненадил кога деца од околу 10 години го пречекале на паркингот, пеејќи ја неговата најнова песна.

Во еден дел од концертот, Јозиновиќ се симна во публиката, им подели ружи на обожавателките, а на оние од првите редови им даде вода.
„Сонце, колку чекавте за да дојдете во првиот ред?“, праша Јозиновиќ, на што му одговорија: „Дојдовме четири часа порано, а патувавме два часа до тука“.
Јозиновиќ има 21 година и не бил роден кога настанале повеќето од хитовите што ги пее. Вели дека ги научил од неговите родители. Заедно со него, денес ги пеат полните сали во целиот регион, и тоа и помлади од него. Некои пејачи го критикуваат дека станал ѕвезда со туѓи песни, а повеќето му се благодарни зашто им направил услуга, им ги оживеал хитовите и младата публика ја запознал со нив.
До концертот во Охрид на 3 август, тој најави албум со авторски песни, дуети со пејачи од цела поранешна Југославија, а меѓу нив и еден со македонски пејач. На прашањето дали мајка му е навистина од Охрид по потекло, Јозиновиќ рече: „Се шегував малку. Таков е мојот хумор“.

Пејачот се расплака на крајот од концертот, а расплака и дел од публиката. Како во времето кога сали полнеа неговите постари колеги чии хитови ги пее, се создаде голема гужва пред салата по концертот, од обожавателки кои сакаа да се сликаат со него.
М. ЏАРОВСКА