Ким Кардашијан ќе биде првата добитничка на наградата за највлијателна личност на светот, што неодамна ја востанови Советот на американските модни дизајнери (ЦФДА) и причини за тоа има многу.
„Таа има над 200 милиони следбеници и фанови на социјалните мрежи и беше една од првите која своите дигитални платформи ги направи профитабилни и која воспостави двонасочна комуникација со своите фанови“, се вели во појаснувањето на Советот.
Еден од членовите на неговиот борд, Томи Хилфигер, ја нарече Кардашијан „најважна и најмоќна влијателна личност на светот“.
„Влијанието на Ким на големо ги надминува нејзините сопствени брендови. Што и да облече, објави или каже за некој моден бренд, тоа моментално придонесува за значително зголемување на неговите популарност и продажба“, кажа Хилфигер.
Според претседателот на ЦДФА, Стивен Колб, идејата да почне да се доделува ваква награда била токму на Хилфигер.
„Тој во еден момент ми кажа ‘ако размислиме малку колку вакви луѓе ја променија нашата индустрија, тогаш мора и да им го признаеме тоа‘. Сите во бордот се согласивме дека Ким е некој кој навистина имаше големо влијание врз индустријата и го смени начинот на којшто брендовите се презентираат. Таа е пријател со голем број дизајнери и има големо влијание врз модата глобално“, изјави Колб.
Се очекува Кардашијан да се појави на формалното доделување на наградата на 4 јуни.