ДЕЦАТА ЗАСЛУЖУВААТ КВАЛИТЕТНА ЛИТЕРАТУРА, РЕЧЕ НОВИНАРКАТА МАЈА БОГОЕВСКА ЗА СВОЈАТА ПРВА КНИГА „НИЗ ДЕТСКИТЕ ОЧИ“

Битола, (СМАРТ.СДК.МК)

Новинарката Маја Богоевска ја објави својата прва книга за деца „Низ детските очи“, збирка од 26 раскази, преку кои е претставено детското секојдневие опишано на јазик разбирлив и за дете од најрана возраст. Дел од расказите беа инспирирани од детството на нејзината ќерка Доротеа, па Дори и Теа се јавуваат како главни ликови во нив.

„Како еден новинар може да пишува за деца? Многу тешко. Кога работев новинарство, светот го гледав онаков каков што е, брутален, реален, со сивило, политики и темнина. А, кога пишувам за деца, го гледам онаков каков што треба да биде, весел, шарен, радосен. Новинарството како професија го сакам, но сакам повеќе да се посветам на пишувањето за деца зашто децата заслужуваат квалитетна литература“, рече Богоевска.

На промоцијата одржана на Светскиот ден на книгата (23 април), промоторката д-р Аница Златевска, психолог и автор на книги за деца, истакна дека е многу важно родителите, воспитувачите, наставниците и други лица кои имаат контакт со деца да им читаат од најрана возраст.

„Многу е важно децата уште од најрана возраст да почнат со процес на усвојување на мајчиниот јазик, збогатување на речникот и со осознавање на светот. Потребно е да им се помогне да стекнат навика за читање, а не да чекаме да тргнат на училиште, па да го почнат процесот на читање. Книгите за деца градат емпатија, толеранција и пријателства и ги зајакнуваат социо-емоционалните вештини за решавање меѓуврснички конфликти“, рече Златевска.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

Аница Златевска и Маја Богоевска (Фото: СМАРТ СДК.МК)