ЦРНАТА КОМЕДИЈА „ТРГОВЦИ СО ПРЕЗЕРВАТИВИ“ ПРЕМИЕРНО ВО СТРУМИЧКИОТ ТЕАТАР НА 5 МАЈ

Струмица, (СМАРТ.СДК.МК)

На 5 мај во 20 часот во Струмичкиот „Антон Панов“ премиерно ќе биде изведена претставата „Трговци со презервативи“, работена по текст на израелскиот драмски автор Ханох Левин. Режијата и преводот се на Дејан Ангелов.

Станува збор за црна апсурдна комедија со кабаретски елементи и музика во живо, која преку три лика ја обработува темата на непроживеаните животи и човековата потрага по блискост.

Претставата, според најавата, нуди силна и провокативна сценска приказна за луѓе заробени во сопствените стравови, осаменост и неостварени желби, кои започнуваат да тргуваат со туѓите слабости и сопствените илузии.

Играат: Јулија Милкова, Стојан Велков-Трн и Игор Тодоров.

Сценографијата е на Борис Далчев и Филип Коруновски, додека костимите се на Ванчо Василев. Музиката ќе биде изведувана во живо од Ставро Ангелаков и Љубен Маџиров.

В. ТРАЈКОВ