ЕД ШИРАН НАСТАПИ СО НАСТАВНИЧКА ОД АНГЛИЈА НА КОНЦЕРТ ЗА ПОДДРШКА ЗА МЛАДИ ТАЛЕНТИ

Велика Британија, (Би-Би-Си)

Наставничката по музика Лијан Кеј (30) од Челмсфорд, Есекс, која предвреме го прекинала одморот во Шпанија, настапи во дует со британската музичка ѕвезда Ед Ширан.

Кеј вели дека била многу изненадена и не знаела дека ќе пее со Ширан.

Таа се вратила од Малага по само два дена одмор и, и покрај доцнењето на летот, настапила на шеталиштето во Ипсвич, каде стотици обожаватели се собрале по најавата на Ширан на Инстаграм.

Иако неколку недели претходно била контактирана да настапи на настанот организиран за поддршка на млади автори и музичари, Кеј дури ден пред концертот сфатила дека ќе настапува заедно со Ширан, откако пријателка ѝ испратила објава од неговиот Инстаграм.

„Тоа беше навистина неверојатно. Не знаев дека ќе се случи сè до самиот ден“, рече наставничката.

Кеј, која потекнува од Сафолк, претходно настапувала на музичката платформа на Би-Би-Си за нови таленти во Сафолк, а минатата година беше предгрупа на концерт на Том Џонс во Колчестер. По настапот со Ширан, таа рече дека искуството го доживеала како да пее со пријател.

 

Фото: Би-Би-Си