СКОПСКИОТ БЕНД „ЗАНАДУ“ ГО СНИМИ НОВИОТ СИНГЛ „УРАГАН“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Скопскиот бендот „Занаду“ започна соработка со хрватската независна издавачка куќа „Интерстелар“ со новиот сингл „Ураган“, кој е достапен на сите стриминг платформи.

Од бендот кој важи за еден од предводниците на новата урбана музичка сцена во Македонија, велат дека „Ураган“ е звук што се движи помеѓу инди, синт и диско-поп музиката. Песната е прв сингл од претстојното ЕП издание, кое ќе биде објавено по летото.

Фронтменот на бендот и автор на текстот, Карло Јованоски, вели дека песната зборува за љубовта, минливоста и тагата што доаѓа кога нешто за кое сте верувале дека ќе трае, завршува.

Музиката е на целиот бенд, а продукцијата на Христијан Трајчевски и Карло Јованоски.

„Занаду“ досега ги сними албумите „Соништа“ и „Наше после сè“, а имаа и бројни настапи низ Македонија. Во периодот што следи, најавуваат и мини-турнеја за промоција на новите песни.

Бендот го сочинуваат Карло Јованоски (вокал и гитара), Марко Атанасов (гитара), Андреј Крстевски (бас-гитара) и Иван Богдановски (тапани).