На 26 и 27 август, на сцената на Долни Сарај ќе се одржи 33. издание на Охрид Фест-Охридски трубадури. Организаторите велат дека фестивалот и ова лето ќе обедини познати музичари од Македонија и регионот, а влезот ќе биде слободен.
На 27 август е интернационалната поп вечер, на која ќе настапат Владо Калембер и „Сребрна крила“, Принц од Врање, Дадо Топиќ, Сузана Манчиќ, Наташа Михајловиќ, Валдера, Броз и Марама, „Маротови“, Ана Петановска и уште многу домашни и регионални пејачи. Водителка ќе биде Марјана Станојковска.
По долго време, на фестивалската сцена се враќа Биба Додева, која имаше успешни настапи и награди на фестивалот претходно. Таа ќе настапи во ревијалниот дел.
Ден претходно ќе се одржи вечер на македонската фолк музика, посветена на, како што велат организаторите, песната што ја чува македонската традиција. Ќе настапат Перо Христов, групата „Соната“, Елена Андоновска, Мишко Крстевски, Смиља Митревска, Благица Калева, Горан Тодоровски, Анета Љумаковска и „Анета Бенд“, Драган Николовски-Даце, Петар Нечовски, Ивана Серафимова, Ангела Влинтовска и други.
„И оваа година ги отвораме вратите за сите охриѓани, но и за бројните туристи кои во тој период ќе престојуваат во градот. Влезот е слободен и сите се добредојдени да бидат дел од оваа музичка приказна“, вели директорот на фестивалот, Григор Копров.
Фестивалот ќе се пренесува на Македонската радио-телевизија, како и на повеќе телевизии од регионот.