ФМУ ГО ОРГАНИЗИРА ФЕСТИВАЛОТ „КРЕДЕНС ДЕНС“ СО 100 ТАНЧАРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од 20 до 26 јуни, во Националната опера и балет ќе се одржи четвртото издание на фестивалот „Креденс денс – Вечери на класичен и современ танц“, во организација на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Фестивалот и оваа година нуди богата и разновидна програма, која опфаќа класичен и современ танц, џез израз и експериментални сценски форми. На програмата се вечер на класичен балет на 20 јуни, вечер на современ танц на 22 јуни, премиера на мјузиклот „Авантурата Њујорк“ на 24 јуни и вечер на современ танц и минијатури на 26 јуни. Сите вечери почнуваат во 20 часот, а влезот е слободен.

Ќе настапат повеќе од 100 учесници од четири континенти, вклучувајќи танчари и кореографи од Кина, САД, Бразил, Јужна Кореја, Германија, Шпанија, Италија и Македонија.

Посебен акцент е ставен на мјузиклот „Авантурата Њујорк“, проект создаден од македонски авторски тим и млади изведувачи, претежно студенти и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

Традиционално, фестивалот ја доделува и наградата за трајни вредности во танцот, која оваа година постхумно ја доби Марин Црвенов, истакнат кореограф, педагог и првенец на Македонскиот народен театар.