Момчило Бајагиќ-Бајага, германскиот техно диџеј Борис Брејча и британскиот бенд „Ајдлс“ ќе бидат меѓу учесниците на тридневниот Д фестивал во Штип, што трае од денеска (26 јуни) до 28 јуни. Главната бина е на Градскиот стадион, а ќе има вкупно шест сцени, некои на пешачката патека покрај реката Брегалница. Како и лани, влезот е бесплатен.
„Музичките вибрации ќе бидат збогатени и со настапот на Јура Стублиќ и групата ‘Филм‘ и повеќе странски музички имиња. Програмата в сабота ја отвора легендарниот германски метал бенд ‘Дистракшн‘, по нив се Миле Кекин, Јура Стублиќ и Бајага и ‘Инструктори‘. На овие локации на отворено преку денот и навечер ќе се одржуваат едукативни содржини, трибини и друго“, вели Огнен Стојаноски од организацијата на Д фестивал.
Други учесници на фестивалот се „Дупер“, Хиљсон Мандела, Страјк, Марко Настиќ, „KOI KOI“, „Лелее“ и повеќе понови македонски бендови, како „Маратонци“, „Дископс“, „Деца корнат градина“, „Мрша“, „Трето колено“ и Тамара Стојковска.
Т. ЈОВАНОВСКИ