Во Кинотеката се одржа работилница и демонстрација на бунраку, традиционалниот јапонски професионален куклен театар, кој е впишан на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.
Настанот го отворија амбасадорката на Јапонија, Кавахара и деканот на Факултетот за драмски уметности (ФДУ), Владимир Павловски. Имаше изведба и работилница посветени на оваа уникатна театарска форма, преку која со префинета куклена игра, драмска нарација и музичка придружба беа оживеани приказни со повеќевековна традиција.

Бунраку претставува една од четирите форми на јапонски класичен театар, заедно со кабуки, но и кјоген. Оваа театарска традиција се развивала во 17. и 18. век, во периодот Едо (1600–1868), како дел од богатата урбана и трговска култура на тогашна Јапонија. Иако користи кукли како основен изразен медиум, бунраку не е наменет за детска публика, туку обработува сложени драмски теми и претставува висока форма на сценска уметност.
Називот „нингјо џорури“ ја опишува суштината на овој театарски жанр: „нингјо“ значи кукла, а „џорури“ се однесува на традиционалниот стил на драмско наративно пеење, придружено со изведба на трижичниот инструмент шамисен. Името бунраку потекнува од Бунраку-за, единствениот комерцијален театар за бунраку кој опстојува до денес.

Од околу 700 драмски дела создадени во периодот Едо, околу 160 и денес се дел од активниот репертоар. Иако претставите некогаш траеле цел ден, современите изведби најчесто се сведени на два или три чина.
Нингјо џорури бунраку е прогласен за нематеријално културно богатство на Јапонија во 1955, а во 2008 е впишан на Репрезентативната листа на УНЕСКО.
Настанот беше организиран од „Koten-goten“, во соработка со ФДУ и Кинотеката на Северна Македонија.