Националната установа „Стоби“ дозволи во театарот на овој локалитет да се одржува Фестивалот на античка драма „Стоби“, но бројот на публика треба да е ограничен.
„Може да има публика, но треба да зборуваме за колкава бројка. Не може како во минатото неколку илјади гледачи. Сега театарот е конзервиран и треба организаторот да ги преземе сите мерки на претпазливост за безбедноста на публиката“, кажа Гоце Павловски, археолог од НУ „Стоби“.
Организатор на фестивалот е велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ и за него има обезбедено средства од Министерството за култура. Засега оттаму нема информација каде ќе се одржи фестивалот, но беше најавено дека ќе биде во периодот септември-октомври.
Десетина години откако трае реконструкцијата на објектот, фестивалот „Стоби“ се одржува во Велешкиот театар. На реконструираниот дел од театарот вратени се мермерните седишта. Театарот бил изграден во 2. век, а постоел до 4. век. Капацитетот бил околу 7.600 гледачи, а имало и борби на гладијатори. На седиштата има врежани фамилијарни и индивидуални имиња од реномирани граѓани на Стоби, кои секогаш имале резервирани места.
П. ПЕЧКОВ