Десет необјавени песни од Дејвид Боуви за првпат ќе бидат споделени со јавноста во септември. Тие се снимени во раниот дел од неговата кариера, кога настапуваше како Дејви Џонс.
Издавачката куќа на пејачот ја опиша колекцијата „The Shel Talmy Recordings“ како „најкомплетната колекција на песни снимени од младиот Дејвид Боуви“ со неговиот тогашен продуцент Шелдон Талми. Таа вклучува придонеси од гитаристот Џими Пејџ, кој подоцна го формираше „Лед Цепелин“ и пијанистот Ники Хопкинс, кој соработуваше со „Битлс“, „Ху“ и „Ролинг стоунс“.
Една од необјавените песни, „I Want Your Love“, беше ставена на стриминг платформите вчера, пред објавувањето на целата колекција на 18 септември.
Боуви потпишал за Талми во декември 1964, по што ја формирал групата „Davie Jones & The Lower Third“. Најголемиот дел од песните што ги снимил со Талми биле со „The Lower Third“ или соло демо снимки.
Неколку години подоцна, тој го променил името во Дејвид Боуви за да не го мешаат со Дејви Џонс од групата „Манкис“.
(Фото: Гети)