Ликовна изложба со музички настап се одржаа синоќа (23 јули) во Ликовниот салон во Велес. Изложбата на уметниците Никола Пијанманов, Андреј Митевски, Тони Попов и Стефан Младеновски беше најавена како мултисензорно доживување, а е насловена „Фрагменти од несвесното – синергија од звук и слика“. Акцент на настанот беше несвесното.

„Секој од авторите твореше и се претстави на свој начин, со свој препознатлив ликовен израз, како што и работат. Заедничкото беше да се направи изложба во која имаме заедничко доживување на слика и звук. Целта беше да се направат измешани сетилни искуства, па публиката можеше да види дела и да слушне музика. Авторите сами ги избраа делата од нивното творештво. Заедничко беше несвесното. Идејата е преземена од теоријата на Фројд и Јунг дека творештвото извира од несвесното. Тоа е една од главните теми на творештвото во 21. век, да се покаже темната страна на човекот: деструкција, трауми и емоционални и психолошки растројства“, кажа Јасмина Котевска, кураторка на изложбата.
Пијанманов се претстави со слики и две скулптури, Младеновски и Попов со слики, а Митевски со скулптури изработени во мермер. Џез импровизации пред публиката свиреа Славчо Коцев и Бојан Петков-Шамба.
П. ПЕЧКОВ