Дуото „Силви Бенд“ вчера (24 јули) одржа концерт во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, со кој одбележаа 35 години кариера.
Силвана Мучиќ-Плевнеш се расплака додека ја пееше песната „Некогаш и негде“ од Владо Јаневски, која таа и нејзиниот сопруг Влатко Плевнеш му ја посветија на починатиот колега.
„Оваа песна не е дел од нашиот репертоар, но ја подготвивме за вечерта, откако пред неполн месец откако го загубивме нашиот Владо Јаневски. Песната ‘Некогаш и негде’ е за него“, рече низ солзи Влатко Плевнеш.
„Нашата дружба со Владо траеше 30 и повеќе од 30 години, колку што трае и нашата кариера“, рече Силви Плевнеш.
„Влатко беше редовен член на неговиот бенд сите тие години, а Владо беше и нашиот близок семеен пријател“, додаде таа.
„Силви Бенд“ не ги заборава авторите кои им ги напишаа нивните хитови со кои настапува на повеќе македонски фестивали: Димитар Масевски, Александар Масевски, Григор Копров, Бобан Мучиќ, Драган Вучиќ, кој е дел од авторите на нивниот најголем хит „Ангели ме носат“.
Дел од репертоарот беа и песните од театарската претстава „Коштана“, која своевремено играше низ театрите во Македонија, а Силви Плевнеш ја играше главната улога на Коштана.
Со голема љубов таа испеа сплет ромски песни кои беа дел од нивниот албум „Ромален“. „Ова се песни со кои сакавме да го испочитуваме мојот народ“, рече Силвана Мучиќ-Плевнеш.
Во публиката беа нивни фанови и пријатели, меѓу кои и пејачката Олгица Христова. Најголема поддршка им дадоа ќерката Деа Делина и нивната внука Малика.
Публиката беше на нозе во текот на целиот концерт, кој првично требаше да се одржи на летната сцена „Долни Сарај“, но поради лошите временски услови се префрли во Центарот на културата. На бис, „Силви Бенд“ ја изненади публиката со песната „Con te partirò“ (Time to say goodbye), за која рекоа дека ја подготвиле специјално за овој концерт.
М. ЏАРОВСКА