Вечерва (25 јули) во 21 часот во црквата „Света Софија“ на Охридско лето ќе настапи триото „Вибрарт“.
Ова трио го сочинуваат пијанистот Хуан Перез Флористан, виолинистот Мигуел Колом Куеста и виолончелистот Фернандо Ариас Фернандез.
Триото „Вибрарт“ е основано во 2015 во Берлин и е резултат на спојот на тројца исклучителни музичари кои решително, со искрен и автентичен пристап му се посветуваат на репертоарот за пијано-трио. Името на ансамблот „Вибрарт“ ја отсликува моќта на камерната музика да ја допира, да комуницира и да остава силен уметнички печат врз публиката.
Сите тројца членови, покрај активноста со камерна музика продолжуваат паралелно со индивидуална музичка кариера. Школувани на Високата школа за музика „Кралица Софија“ во Мадрид и во Берлин, тие ја комбинираат нивната кариера со педагошка активност и со оркестарски проекти.
Настапуваат низ Европа на фестивали како „Поленса“ и „Марвао“, на фестивалот во „Шлос Елмау“, во салата „Корто“ во Париз, како и на престижните камерни концерти во Берлин. Заеднички настапуваат како солисти со Шпанскиот национален оркестар, Националниот оркестар на Каталонија, Кралскиот симфониски оркестар на Севиља и оркестарот на провинцијата Аликанте во сали како Националниот аудиториум за музика во Барселона и Театарот „Маестранца“.