ТЕАТАР ОД ДУБРОВНИК НА 29 СЕПТЕМВРИ ДОАЃА ВО МНТ СО „ВИДИ КАКО ЛОКРУМ МИЕ ЗАБИ“

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Казалиште „Марин Држиќ“ (КМД) од Дубровник на 29 септември во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе ја изведе претставата „Види како Локрум мие заби“, работена според драматизација на истоимениот роман на хрватската писателка Ивана Ловриќ Јовиќ. Режијата е на Паоло Тишљариќ.

Неодамна МНТ гостуваше во Дубровник со претставата „12“, во режија на Синиша Евтимов.

„’Види како Локрум мие заби’ е емотивна и длабоко интимна приказна која се одвива во текот на една ноќ – помеѓу моментот кога главната протагонистка ја дознава веста за смртта на својот татко и неизбежното соочување со загубата. Низ четири генерации жени од едно семејство, претставата ги истражува сеќавањата, тагата, љубовта и сложените семејни врски. Таа исто така говори и за начините како човекот се справува со болката и загубата“, стои во најавата за претставата.

Претставата е копродукција на Казалиште „Марин Држиќ“ и Дубровничките летни игри, а драматизацијата е на Маријана Фумиќ.

Во актерската екипа се: Марија Шегвиќ / Ирена Тереза Прпиќ, Сандра Лончариќ, Миреј Станиќ, Ања Ѓуриновиќ, како и Перица Мартиновиќ, Ника Ласиќ, Борис Матиќ и Бојан Берибака.

Билетите се пуштени во продажба преку интернет-страницата на МНТ.