СЛАВЧО КОВИЛОСКИ ЈА ОБЈАВИ КНИГАТА „ЖЕНИ ВО МАКЕДОНСКИОТ ФОЛКЛОР ОД 19. ВЕК“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Авторот Славчо Ковилоски ја објави книгата „Жени во македонскиот фолклор од 19. век“, во издание на Институтот за македонска литература.

Изданието претставува продолжение на претходните книги „Жени во македонската книжевност од 19.век“ и „Македонското женско творештво од 19. век“, со кои Ковилоски ги афирмира непознатите женски имиња во македонските култура, книжевност, образование, револуционерни борби и фолклор.

Ковилоски вели дека оваа монографија претставува прв посериозен обид за афирмирање на македонските авторки од 19. век и во посебно поглавје се занимава со народните пејачки. Ковилоски детално се задржува на десет од нив: Дафина од Просеник, Парашкева Сирлешчова, Депа Каваева, Ѓурѓа Котева, Божана Трпанова, Арса Стрезова, Цвета Мазнеова, Дафа Цепенкова, Илинка Везенковска и Митра Ристова.

Истовремено, дадена е и табела со список од 160 имиња на интерпретаторки на народни умотворби, со податоци за местата од каде што потекнуваат, кој ги запишувал или собирал нивните песни, каде и кога се објавени.

„Треба да се напомене дека овие жени не се само пејачки и интерпретаторки на народни песни, туку и самите активно учествувале во создавањето нови песни, кои под превезот на анонимноста денес се сметаат за народни песни. Токму затоа, преку компаративни анализи се откриваат нивните придонеси во доработка и создавање нови творби, кои треба да најдат свое место во македонските книжевност и историја. Со ова истражување, во извесна мера се надополнуваат празнините во постојните научни сознанија и се нуди нов поглед кон женското народно пеење и авторството на пејачките“, вели Ковилоски.