Во Ликовниот салон во Велес поставена е изложбата „На Земјата ѕвезди, на небото светулки“ со дела од сликарката Катерина Поп Арсова од Скопје. Пред јавноста се претставува со 25 дела изработени во техниката акрил на платно. Десетина се новосоздадени. Во делата преовладува сината боја.
Во своето творештво таа ја негува природата како главна инспирација, а својот ликовен израз го определува како магичен реализам.

„Во делата пејзажот станува повеќе од приказ на природата, станува простор на сеќавање и внатрешно доживување. Планините, ноќните предели, ѕвездите и светулките создаваат мистичен свет во кој се преплетуваат земното и небесното, а особено место има Богомила, која за мене е силен извор на инспирација“, вели Поп Арсова.
Поп Арсова дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот графика со конзервација и реставрација, во класата на проф. Димитар Малиданов.
П. ПЕЧКОВ