Битолскиот камерен оркестар „Дива“ ќе одржи два концерта насловени „Цветна симфонија“ во Охрид и во Битола, со повеќе од сто учесници на сцената. Концертите ќе се одржат вечерва (17 август) во Пациото на НУ Завод и Музеј во Битола и утре (18 август) во Долни Сарај во Охрид, од 21 часот.
На програмата се италијански канцони, оперски арии и култни филмски теми. Публиката ќе слуша музика од филмските композитори Енио Мориконе, Џон Вилијамс и Ханс Цимер, како и други познати композиции.
На сцената со оркестарот ќе настапат сопраните Јаворка Витанова, Виолета Арсовска, Зана Абази-Рамадани од Косово и Наде Талевска и Билјана Талевска како специјални гостинки. Дел од концертите ќе биде и хорот „Гортинија“, под водство на Илија Атанасов.
Диригент е Владимир Димовски. Косовската оперска пејачка Зана Абази-Рамадани по третпат ќе гостува на ваков концерт со битолскиот оркестар.

„Овој проект има навистина посебна атмосфера. Самото име ‘Цветна симфонија’ ме инспирира да го опишам како музички букет, во кој различни дела од светскиот репертоар се спојуваат како цвеќиња со различни бои и мириси, создавајќи прекрасен и богат музички колорит“, вели Абази-Рамадани.
Пејачката годинава неколкупати ќе се појави на сцената, а за време на концертот ќе пее различни музички жанрови.
„Во текот на овие концерти ќе се појавам на сцената неколкупати, изведувајќи оперски арии, филмска музика, француска шансона и други композиции. За мене е вистинско задоволство да преминувам од еден музички свет во друг и преку секоја композиција да пренесам различна емоција“, вели таа.
Абази-Рамадани вели дека ѝ е задоволство повторната соработка со оркестарот „Дива“.
„Огромно задоволство е да се биде на сцена со толку многу прекрасни музичари и уметници, а особено повторно да ја делам сцената со оркестарот ‘Дива’ – Битолскиот камерен оркестар. Кога солистите, хорот и оркестарот ќе се соединат под водство на диригентот, се создава една уникатна енергија која тешко може да се опише со зборови. Секој ја внесува сопствената индивидуалност, а на крајот сите заедно дишеме низ истата музика“, вели пејачката.
Настапот во Охрид за неа има и посебно значење. Токму на Античкиот театар во Охрид, на 12 јули 2009 година, таа имала можност во живо да го слушне славниот италијански композитор Енио Мориконе, кој со свој концерт го отвори 49. издание на фестивалот Охридско лето.
„Охрид за мене носи едно навистина посебно сеќавање, бидејќи токму таму ја имав привилегијата во живо да го видам и слушнам големиот маестро Енио Мориконе. Затоа, моето враќање во Охрид сега како изведувач, каде што ќе отпеам и едно негово дело, има особено значење за мене. Музиката нè обединува над јазиците и границите“, вели сопранистката.
Таа додава дека реакцијата на публиката е една од најважните инспирации за музичарите на сцената.
„Би сакала публиката по концертот да си замине носејќи ја со себе истата емоција и енергија што ние ќе се обидеме да ја споделиме со неа од сцената“, вели пејачката.
Билетите за концертите се во продажба преку yournextevent.info.
М. ЏАРОВСКА