СКОПСКИ ДРАМСКИ ТЕАТАР НА ФЕСТИВАЛОТ „ГРАД ТЕАТАР“ ВО БУДВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Драмски театар Скопје вечерва (19 август) и утревечер (20 август) ќе настапи на јубилејното 40. издание на фестивалот „Град театар“ во Будва со претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме-своето не го даваме“. Изведбите се од 21 часот на летната сцена помеѓу црквите во Стариот град.

Претставата е во режија на Иван Пеновиќ, според текстот на Душан Јовановиќ, и е копродукција на Драмски театар-Скопје, Београдско драмско позориште, Местно гледалишче Љубљана и „Град театар“ од Будва.

Во претставата играат Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.

По минатогодишната премиера, претставата досега е изведена 18 пати, меѓу кои на Охридско лето, на Бриони во Хрватска и во рамките на регионалниот фестивал РУТА.

Јубилејното издание на Град театар трае од 30 јуни до 23 август, а програмата опфаќа повеќе од 68 театарски, музички и ликовни настани, како и литературни програми.