Битолскиот бенд „Фолтин“, во годината кога одбележува 30 години кариера, ја промовира авторската колекција облека „Фолтин гардеробер“, направена во соработка уметникот Зоран Кардула.
Првата колекција „Фолтин × Кардула“ содржи четири дизајни инспирирани од светот и музиката на бендот: „Сенки на петтолиние“, „Приклучено срце“, „Прослава“ и „Одек“.
„Овојпат музиката ја гледаме, ја допираме, ја носиме и ја поттикнуваме да патува во нова форма“, велат од „Фолтин“.
Од бендот додаваат дека „Фолтин гардеробер“ не е само колекција облека, туку поинаков начин музиката да продолжи да се споделува и надвор од сцената. Фотографиите за првата колекција ги носат млади луѓе, со идеја да се покаже како музиката се пренесува меѓу генерациите и добива нови форми.
„Фолтин“ годинава одбележува три децении концерти, патувања, средби со публиката и музика, а јубилејот ќе го прослави со концерт на 29 август во Хераклеја во Битола, од 20 часот.