Тамара Тодевска ќе го промовира новиот албум „Кукла жива“ на 3 септември во Скопје.
„10 песни. 10 приказни. Една нова ера. Визуелниот албум ‘Кукла жива’ пристигнува на 3 септември“, вели поп-пејачката.
„Кукла жива“ е составен од 10 песни и 10 визуелни приказни, а од тимот на Тодевска го најавија како првиот визуелен албум во Македонија.
Песните ги напишаа Тодевска и Коста Петров, Џијан Емин ги работеше аранжманите и музичката продукција.
Тодевска претходно кажа дека долго време посакувала да соработува со Џијан Емин, кого го опиша како исклучително прецизен и посветен музичар. Албумот е снимен со живи инструменти, а песните се инспирирани од различни периоди од животот и кариерата на пејачката.
Досега беа објавени неколку песни, меѓу кои „Драма квин“, насловната „Кукла жива“ и „Дива“. Музиката и текстовите се на Коста Петров и Тамара, а продукцијата е на Џијан Емин. Визуелниот дел го режира Мартин Трајановски.
По промоцијата на албумот, на 3 октомври Тамара Тодевска ќе одржи солистички концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, со кој одбележува 25 години музичка кариера. На сцената ќе ја придружува оркестар предводен од Џијан Емин, а покрај новите песни ќе ги испее и хитовите од досегашната кариера. Концертот е најавен како аудиовизуелно шоу со музичари и танчари.
Албумот го издава „Адриатика рекордс“.