Повеќе од дваесет години по премиерата на популарната романтична комедија „Како да изгубиш дечко за 10 дена“, се подготвува продолжение, а Кејт Хадсон ќе биде еден од продуцентите. Проектот е во многу рана фаза, а според американските медиуми, постои можност Хадсон и Метју Меконахи (фото) повторно да ги играат Енди и Бенџамин, ликовите од оригиналниот филм.
Во филмот од 2003, Хадсон ја игра новинарката Енди, која за потребите на текст се обидува да натера маж да ја остави за само десет дена. Нејзина мета станува Бенџамин, кој, пак, се обложил дека може да натера која било жена да се вљуби во него.
„Како да изгубиш дечко за 10 дена“ заработи речиси 180 милиони долари во светските кина и со текот на годините стана една од најпознатите романтични комедии од почетокот на векот. Препознатлив дел од филмот остана и жолтиот свилен фустан на Каролина Ерера, што го носеше Хадсон.
(Фото: Гети)