Од 27 до 30 август, во предворјето на црквата „Св. Софија“ во Охрид ќе се одржува Охрид џез фестивал. Најавени се четири музички вечери посветени на различни џез изрази. Сите концерти почнуваат во 20:30 часот.
Програмата почнува на 27 август со вечерта на млади музичари и концертот „Ехо од Македонија“, на кој ќе настапат ученици и професори од ОМУ „Методи Патче“ од Охрид. За следниот ден е најавена етно џез вечер со настап на дуото Сашко Костов и Орхидеја Дукова.
Класичниот џез е резервиран за 29 август, кога ќе настапат Дамјан Пејчиноски на гитара (фото), Зоран Јагоридовски на перкусии, Дејан Милосавлевиќ на тапани, Гордан Спасовски на пијано и Горан Гешовски на бас гитара.
Четиридневната програма ќе заврши на 30 август со меѓународната џез вечер. Ќе свири квартетот на Бранко Стерпин, а специјален гостин ќе биде финскиот музичар Тим Ласи.
Влезот за сите концерти е бесплатен.