ОГНЕНА НИКУЉСКИ ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „ПЕГАЗ“ ЗА НАЈДОБАР НЕОБЈАВЕН РОМАН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Подѕирнати животи“ од Огнена Никуљски е добитник на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2026. Во најтесниот избор беа и „Некој одовде“ од Симеон Јанков и „Драг мој Т.“ од Драгана Лукан-Николоски.

На осмиот конкурс за наградата, која ја доделува „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“, пристигнаа 50 ракописи. За победникот одлучуваше жирито во состав Искра Тасевска Хаџи-Бошкова, Блаже Миневски и Бисера Бендевска.

Според жирито, „Подѕирнати животи“ е роман за стареењето и осаменоста, но и за пишувањето како терапевтски чин.

Никуљски е родена во Скопје во 1951. Таа е пензионирана професорка по шпански јазик и литература, книжевна преведувачка и прозаистка. Долги години предавала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Авторка е и на романот „И ѕирка и проѕирка“ и на збирката раскази „Да ви кажам право“.

Наградата „Пегаз“ вклучува 90.000 денари, статуетка и објавување на наградениот роман во посебна едиција.

Од денеска (2 септември) до 1 јуни 2027 ќе трае деветтиот конкурс за „Пегаз“. Можат да учествуваат полнолетни автори со необјавени романи на македонски јазик и кирилско писмо.