Оскаровецот Расел Кроу го претстави својот личен документарен филм „Што гради љубовта“ на Венецискиот филмски фестивал, во кој раскажува за својата долгогодишна љубов кон музиката и за нејзината поврзаност со актерството.
Кроу вели дека идејата за документарецот ја добил пред 15 години и првично мислел дека ќе му биде потребна само една година за да го заврши. Но, продолжил да снима додека се појавувале нови музички проекти. Кроу во текот на 15 години собрал огромно количество снимки за документарецот, кои, ако се претворат во должина на филмска лента, би изнесувале околу 5.500 километри.
Шеесет и двегодишниот актер роден во Нов Зеланд, кој освои Оскар за улогата во „Гладијатор“, со години се занимава со музика и е пејач на бендот „Индор гарден парти“, чиј звук комбинира рок, блуз, кантри и госпел. Тој најави дека во 2027 со бендот ќе тргне на голема турнеја низ Источна Европа.
„Што гради љубовта“ трае 99 минути, а Кроу е режисер и сценарист на документарецот.
(Фото: Викимедиjа комонс)