КИНОТЕКАТА ВО ОКТОМВРИ ЌЕ ГИ ОДБЕЛЕЖИ ЈУБИЛЕИТЕ НА КУЛТНИ МАКЕДОНСКИ ФИЛМОВИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Kинотеката на Македонија во октомври ќе прикаже повеќе значајни македонски филмови кои годинава одбележуваат јубилеи, меѓу кои „Среќна нова ’49“, „Црно семе“, „Прашина“, „Тетовирање“ (фото), „Панкот не е мртов“ и „Мирно лето“. Програмата е замислена како своевидна карта на филмската меморија и потсетување на дела кои оставиле трага во историјата на македонската кинематографија.

Шеесет години од создавањето одбележува „До победата и по неа“ (1966) на Живорад Жика Митровиќ, 55 години „Македонски дел од пеколот“ (1971) на Ватрослав Мимица и „Црно семе“ (1971) на Кирил Ценевски, а половина век „Најдолгиот пат“ (1976) на Бранко Гапо.

Значајно место во програмата имаат филмовите на Столе Попов. „Црвениот коњ“ одбележува 45 години, а „Среќна нова ’49“, едно од неговите најпознати остварувања, 40 години. По повод 80 години од раѓањето на актерот Мето Јовановски ќе биде прикажан и „Тетовирање“ (1991), кој годинава одбележува 35 години од премиерата.

На програмата е и „Прашина“ (2001) на Милчо Манчевски, 25 години по премиерата, како и „Панкот не е мртов“ и „Ова не е американски филм“, кои одбележуваат по 15 години. Десетгодишни јубилеи имаат „Ослободувањето на Скопје“, „Златна петорка“ и „Џган“.

Посебен омаж ќе му биде посветен на Атанас Ацо Петровски, еден од пионерите на македонската кинематографија и прв директор на Кинотеката, по повод 25 години од неговата смрт. Ќе бидат прикажани неговите документарни филмови „Велигденски обичаи“, „Галичка свадба“ и „Дервиши“.

Октомвриската програма ќе ја заокружи „Мирно лето“ (1961) на Димитрие Османли, првиот македонски долгометражен филм режиран од македонски автор и првата македонска филмска комедија, кој одбележува 65 години. Покрај домашните јубилеи, ќе има и Денови на кинескиот филм, како и швајцарски, француски и германски филмски програми.