Младите македонски пијанистки Ана Манчева и Гала Нановска освоија награди на Меѓународните музички награди „Амадеус“ во Салцбург. Манчева е добитничка на Златна награда, а Нановска на Специјална награда во категоријата „Напредни таленти“ за возраст од 16 до 17 години.
Двете млади пијанистки се натпреваруваа во меѓународна конкуренција на учесници од повеќе земји од светот. Манчева и Нановска успешно ги поминаа селекциските кругови и се вброија меѓу наградените учесници на натпреварот.
„Amadeus International Music Awards“ (AIMA) е меѓународен музички натпревар за млади таленти, а учесниците се оценуваат низ повеќе селекциски фази. Натпреварот се одвива во три фази: прелиминарна, натпреварувачка и фаза на номинации.
Во првата фаза, кандидатите се селектираат врз основа на видеоснимка од нивниот настап, по што само избраните продолжуваат во главниот натпреварувачки круг. Најуспешните учесници добиваат можност да настапат на свечен гала-концерт во „Моцартеум“ во Салцбург, една од најпознатите музички институции во градот.
Манчева и Нановска се родени во 2010 во Скопје и се ученички во втора година во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, каде што изучуваат пијано под менторство на професорката Даница Стојанова. Музичкото образование го започнале во приватното музичко училиште „Пијанофорте“, а со Стојанова соработуваат од 2018, најпрво преку мастеркласови.
Од најмала возраст освојуваат награди на домашни и меѓународни натпревари. Меѓу нив се повеќе први награди на меѓународните натпревари „Полихимниа“, „Пијанофест“ во Битола и натпреварот за млади пијанисти во Гевгелија. Годинава освоија и први награди на меѓународен натпревар во Малта, каде што Нановска беше прогласена за лауреат во својата категорија. Освоија и Гран при со максимални 100 поени на меѓународен натпревар за млади музичари во Њујорк.
На натпреварот „Земјата и луѓето“ во Бугарија, Нановска освои втора награда, а Манчева две специјални награди.
М. ЏАРОВСКА