Оркестарот на Филхармонијата на 1 октомври од 20 часот ќе ја отвори новата концертна сезона „Филхармонија: On Air“. Како солист на концертот „Симфониски бранови“ ќе настапи 13-годишниот машки сопран Алексис Изар Гордон, а диригент е Александер Гордон.
На програмата се „Аве Марија“ од Франц Шуберт и Симфонија бр. 4 во Г-дур од Густав Малер.
Алексис Изар Гордон е роден во Лондон во 2013 во семејство на професионални музичари, а подоцна со семејството се преселил во Виена. Од осумгодишна возраст е член на Оперското училиште на Виенската државна опера, каде што настапил во повеќе големи продукции. Настапувал и со Виенската филхармонија.
Диригентот Александер Гордон кариерата ја почнал како виолист и на 23 години бил именуван за главен виолист на Лондонската филхармонија. Од 2012 целосно е посветен на солистичката и диригентската кариера.