КОНЦЕРТ НА „ТАНЕЦ“ ПОСВЕТЕН НА НИКОЛА БАДЕВ НА 16 ОКТОМВРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Концертот „Вечното ехо на Бадев“, посветен доајенот на македонската народна песна Никола Бадев, ќе се одржи на 16 октомври во Македонскиот народен театар (МНТ), од 19:30 часот.

На концертот ќе настапат хорот и солистите на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, како и домашни пејачи, во придружба на оркестарот на „Танец“.

„Песните на Никола Бадев, кои со децении го пренесуваат духот на македонскиот народ, оваа вечер ќе заживеат преку современи и автентични интерпретации, потсетувајќи нè зошто неговиот глас останува вечно врежан во нашата културна меморија“, велат од „Танец“.

На програмата ќе бидат некои од најпознатите песни од неговиот богат опус.

Никола Бадев се смета за еден од најзначајните пејачи на македонска народна музика, а неговите изведби останаа препознатлив дел од македонското музичко наследство.

Влезниците за концертот се во продажба преку „Купи карта“.