Концерт во чест на Тоше Проески ќе се одржи на 16 октомври од 20 часот во салата „Грипе“ во Сплит, Хрватска, на денот кога се навршуваат 19 години од смртта на поп-ѕвездата. Концертот е насловен „Тоше засекогаш-музика која живее“, објави Туристичката заедница на град Сплит.
Ќе настапи 30-член македонски симфониски оркестар под диригентство на Владимир Димовски, а најавени се македонските пејачи Димитар Андоновски, Стојне Николова, Бојана Скендеровска, Огнен Здравковски, Александар Тасевски и Сеид Алиовски. Од Хрватска ќе настапат Антонија Шола, Ивана Ковач, ќерката на Мишо Ковач, и Петар Драгојевиќ, внук на Оливер Драгојевиќ, како и црногорскиот пејач Бојан Маровиќ. Ќе настапи и младата пејачка Илма Карахмет од Босна и Херцеговина.
Публиката ќе слушне оркестарски верзии на познатите песни на Проески, а дел од програмата ќе биде посветен и на македонската традиционална музика.
Организатор на концертот е Александар Ивановски, Македонец кој живее во Хрватска.
Ивановски вели дека побарал дозвола од семејството на Тоше и првично добил одобрување. Тој додава дека авторските права се регулирани преку хрватскиот ЗАМП.
Според него, семејството му дозволило да го рекламира концертот, а потоа му рекло дека не се согласува со датумот на одржување. Од семејството Проески велат дека немаат никаква врска со организацијата на концертот и дека се подготвуваат за друг настан во Македонија во чест на Тоше следната година, со кој ќе бидат одбележани 20 години од неговата смрт.