Влатко Лозаноски, Давид Темелков и „Црвена јабука“ се меѓу пејачите учесници на годинашнава Питијада која вечерва (9 октомври) почнува во Велес. Ќе трае до 11 октомври. Ќе настапат и Ана Петановска, Александар Тарабунов, Антониа Гиговска, Благица Павловска, Влатко Миладиновски.
Сите три дена ќе има базар на ракотворби.
Вечерва се сече џиновската пита пастрмалија, а продажбата на парчиња е со хуманитарен карактер. Утре од 11 часот ќе има изложба на олдтајмери во возна состојба, во организација на „Кингс оф д стритс“ од Велес. Најавени се стотина учесници од Македонија, Србија, Хрватска и БиХ. Се очекува да пристигне и летоска набавениот „форд Т“ од 1923 година, кој е во сопственост на битолчанец и е вистинска атракција. На пладне е настапот на учесниците од детскиот фестивал „Јаболчиња“.
На 11 октомври напладне е изборот на најпита, која ќе ја избере жири од 15 познати европски кулинари, со пити набавени по случаен избор од штандовите. Договорената цена со угостителите на 12-те штанда е 270 денари за една пита.
П. ПЕЧКОВ