16-ГОДИШНИОТ ЃОРЃИ ЧЕШМЕЏИЕВСКИ ОСВОИ ШЕСТ МЕДАЛИ НА МЕЃУНАРОДНИОТ НАТПРЕВАР ВО МЕСТЕЊЕ РУБИКОВА КОЦКА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Шеснаесетгодишниот Ѓорѓи Чешмеџиевски од Скопје освои три златни, два сребрени и еден бронзен медал на Меѓународниот натпревар во брзо местење Рубикова коцка во Скопје. На натпреварот учествуваа 64 натпреварувачи од шест држави, а Чешмеџиевски беше најуспешен меѓу македонските претставници, освојувајќи го првото место во сите шест дисциплини на национално ниво.

Ова беше шестиот официјален натпревар во Македонија под покровителство на Светската асоцијација за Рубикова коцка (WCA), а прв по 2023 година. Се одржа во Основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром, во организација на Македонската асоцијација за Рубикова коцка.

„Многу сум среќен што во конкуренција на натпреварувачи од шест држави освоив три златни, два сребрени и еден бронзен медал. Особено ми значи што на национално ниво го освоив првото место во сите шест дисциплини. Зад овие резултати стојат многу вежбање и труд, а секој нов натпревар ми е мотив да бидам уште побрз и да ги подобрам своите рекорди“, ни рече Ѓорѓи.

Во меѓународната конкуренција, тој освои златни медали во дисциплините 4×4×4, 5×5×5 и Skewb, сребрени во 2×2×2 и Pyraminx, а бронзен медал во класичната коцка 3×3×3.

Во дисциплината 4×4×4 победи со просечно време од 37,65 секунди, додека во 5×5×5 постигна просек од една минута и 10,41 секунда. Во дисциплината Skewb победи со просек од 4,64 секунди.

Ѓорѓи се занимава со местење Рубикова коцка од својата петта година, а првиот рекорд го постигнал во 2018, кога имал само седум години. На натпревар во Тирана успеал да намести коцка 2×2×2 за 4,38 секунди.

„Со Рубикова коцка дојдов во контакт сосема случајно, на летен одмор кога имав пет години и веднаш ми стана многу интересна и омилена играчка. На почеток многу се мачев да наместам само една страна, за подоцна да почнам да ја местам целата“, кажа Чешмеџиевски во претходно интервју.

Неговиот личен рекорд во местење на класичната Рубикова коцка е 6,81 секунди, а на натпревари постојано се обидува да го подобри резултатот. Освен со раце, знае да намести коцка и со нозе, што за него претставува посебен предизвик.

Пред овој натпревар, Чешмеџиевски имаше освоено 72 медали на домашни и меѓународни првенства, од кои 25 златни, 21 сребрен и 26 бронзени. Неговиот последен натпревар пред настапот во Скопје беше „Salonica Open 2024“ во Солун.

М. ЏАРОВСКА