ЛИДИЈА МОЈСОВСКА ГО СНИМИ КРАТКИОТ ФИЛМ „СЀ ШТО ОСТАНА БЕШЕ ПРИКАЗНА“

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Режисерката Лидија Мојсовска го сними краткометражниот игран филм „Сѐ што остана беше приказна“, на локации на планината Јабланица, на 1.700 метри надморска височина. Филмот е инспириран од вистински настани и судбини на луѓе од Струшкиот Регион, покрај границата со Албанија, а сценариото е на Мојсовска и Јаков Попоски.

Од 27 до 30 септември се снимаше на Лабунишките бачила, Јабланица, Струга и селото Слоештица. Екипата работеше со околу 300 овци, во услови на силен ветер и променливо време, а покрај професионалните актери учествуваа и жители од околните села.

Лидија Мојсовска (Фото: Приватна архива)

„Има приказни што не ги избираме. Тие нè избираат нас. Оваа вистинска приказна од мојот Струшки Регион, за кој живеам и се борам со години, беше инспирирана и создадена од сведоштва за вистински судбини покрај границата со Албанија, кои сум ги сведочела одблиску, во мојата блиска околина“, вели Мојсовска.

Режисерката вели дека главниот лик го барале со месеци низ селата во Струшкиот, Охридскиот и Демирхисарскиот Регион.

„Работевме со околу 300 овци, со мала екипа, во услови што беа прилично екстремни. Не можевме да им наредиме на животните, ниту на ветерот, ниту на светлината. Можевме само да слушаме“, вели режисерката.

Таа додава дека во Слоештица, село од кое многу жители се иселиле, речиси сите преостанати жители се вклучиле во снимањето, како статисти или помагајќи во организацијата.

Мојсовска е позната по кратките филмови „Награда“ и „Само ѓаволот се плаши од вода“, а косценаристка е и на „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума.

Продуцентка е Ивана Шекуткоска, а копродуценти се Тамара Котевска и Дејан Димески. Директор на фотографија е Жан Дакар, кинематограферот на документарецот „Приказната за Силјан“ на Котевска.

Филмот е во продукција на „Минимал колектив“, во копродукција со „Сикониа филм“ и „Контраст филм“, со поддршка од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија.