Младата пејачка Агнеса Русомаровска ја објави својата прва авторска песна „Школска песна“, за која сними и видеоспот.
Продукцијата, аранжманот и текстот се на Лука Кантарџиев и Лазар Христов, а режијата на видеоспотот е на Марко Маркоски. Зад камерата беа Маркоски и Илија Крстевски.
Агнеса е ученичка во деветто одделение во училиштето „Јахја Кемал“ во Скопје. Иако е на млада возраст, зад себе има учества на бројни музички натпревари и настапи, а настапот во Карнеги хол е едно од нејзините позначајни музички искуства.
Агнеса учествуваше на меѓународниот музички натпревар „Американ протеже“, како единствената претставничка од Европа меѓу учесниците во сите категории. Настапи во категоријата за бродвејски мјузикли, со песната „Tomorrow“ од мјузиклот „Ени“, која ја испеа без микрофон, со придружба на пијано. За настапот ја подготвуваше професорката Ана Костадиновска.
Нејзин вокален педагог е Ана Костадиновска, со која работи на усовршување на пеењето. Агнеса редовно снима и објавува музички видеа на својот канал на Јутјуб, каде што го претставува својот талент.