„ЗАТОА“, НОВА ПЕСНА НА ИЛИНА И ЈОВАНА НИКОЛОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Младите пејачки Илина и Јована Николовски ја објавија новата песна „Затоа“, за која снимија и видеоспот. 

Автор на музиката, текстот и аранжманот е Сашо Николовски, а миксот и мастерингот се на Филип Батин Димовски. Видеоспотот го изработи Дарко Јовановски-Даре, со асистенција на Стефан Јакимовски.

Илина и Јована Николовски потекнуваат од музичко семејство и од рана возраст се занимаваат со музика. Нивниот татко Сашо Николовски е композитор и автор на повеќе нивни песни, а двете сестри изучуваат соло пеење во „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Покрај музиката, повеќе години посетуваат и часови по глума.

 

Нивниот прв фестивалски настап беше во 2016 на детскиот фестивал „Чунга лунга“ во Охрид, а следната година настапија на „Тра-ла-ла“ во Битола, каде што освоија награда. Во декември 2023 го објавија првото авторско цеде „Љубов“.