СРПСКИОТ АКТЕР МАРКО ЈАНКЕТИЌ НА 25 НОЕМВРИ ВО СКОПЈЕ СО МОНОДРАМА ПОСВЕТЕНА НА НЕГОВИОТ ТАТКО МИША

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Актерот Марко Јанкетиќ на 25 ноември од 20 часот во Националната опера и балет ќе ја изведе мултимедијалната монодрама „Мрки, не ти раскажав“, посветена на неговиот покоен татко, познатиот српски актер Миша Јанкетиќ. На прес-конференцијата во Скопје, Јанкетиќ зборуваше за личните мотиви за создавањето на претставата и за зборовите што не успеал да му ги каже на татко му.

„Претставата е мој начин да го кажам она што немав можност да му го кажам на мојот татко. Тоа е катарзично патување низ сеќавањата, а целата емоција на сцената ја надополнуваме со музика во живо, заедно со бендот кој е постојано со мене“, рече Јанкетиќ.

Марко Јанкетиќ на пресот во Скопје (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Актерот најави дека публиката ја очекува емотивна приказна исполнета со смеа, солзи, семејни анегдоти и сеќавања.

„Имам посебна трема и возбуда пред настапот во Скопје. Македонската публика е позната по тоа што има истакнат сензибилитет и висок критериум за театар и музика“, рече актерот.

Режијата на претставата е на актерката Анѓелка Стевиќ-Жугиќ, а сценскиот концепт обединува актерска игра, визуелни ефекти и музика во живо. Монодрамата досега се изведувала пред распродадени сали во Србија и Црна Гора.

М. ЏАРОВСКА