Двајцата уметници ѝ приредија на публиката впечатлива музичка вечер. На програмата беа дела од различни стилски периоди, преку кои дојдоа до израз нивните виртуозност и уметничка интерпретација.
Патира е добитник на главната награда на престижниот меѓународен виолински натпревар „Николо Паганини“ во 2001 и настапувал во Европа, Јапонија, САД и Мексико. Курек е наградуван пијанист и камерен музичар, со богата меѓународна кариера и настапи во Европа, Америка, Азија и Африка.
Концертот се одржа со поддршка на Амбасадата на Полска во Скопје, а влезот беше бесплатен.
Со овој настап, Охридско лето ја продолжи концертната дејност надвор од редовната фестивалска сезона, традиција започната минатата година. Следниот концерт е закажан за 4 декември во Музејот на македонската борба за самостојност, каде што ќе настапат корејско-американската сопранистка Јуна Ли и пијанистот Кенет Клецјен.