Вечерва (20 ноември) на 51. издание на Млад отворен театар (МОТ), од 20 часот во Младинскиот културен центар ќе се изведе претставата „Манифест“ на Словенско младинско гледалишче и Театар Глеј од Словенија, во режија на Татјана Першух. Претставата се занимава со еден од најконтроверзните текстови од современата американска историја, манифестот на серискиот бомбаш Тед Качински, познат како Унабомбер.
„Гостувањето на Словенско младинско гледалишче има посебно значење за МОТ, со оглед на долгогодишната традиција на соработка и присуство на оваа значајна словенечка театарска институција на фестивалот. Нивното повторно гостување по подолга пауза претставува продолжување на една важна регионална театарска врска и потсетување на континуитетот на МОТ како простор за размена, средби и претставување на релевантни современи театарски продукции од регионот“, велат од Фестивалот.
Од 22 часот, на Малата сцена на Националната опера и балет е претставата „Три жени“ (фото) од Србија, со концепт на Ирена Поповиќ-Драговиќ, Кала Драговиќ и Катарина Ранковиќ.
„Опишана како ‘скршена опера’, ‘Три жени’ е поетски и подвижен театар на граница помеѓу концерт, опера, перформанс и документаристички театар“, велат од МОТ.