Седмото издание на скопскиот Котон блуз фестивал продолжува вечерва (26 ноември) со два концерта во рок барот „Русти“ во Карпош.
Од 20:30 часот настапува дуото „Аксис“, составено од Силвиу Дан Илиеску од Романија и Дејан Котарчиќ од Србија. „Аксис“ не е типичен блуз состав, туку повеќе припаѓа на новиот бран на класичниот рок, што го предводат групи како „Грета ван Флит“ и „Рајвл санс“.
Годинашното издание го затвора бразилскиот гитарист Артур Менезес (фото), првиот учесник на КБФ кој доаѓа од Јужна Америка. Овој 41-годишен музичар досега има објавено шест албуми, делел сцена со имиња како Бади Гај и Џо Сатријани и ја добил наградата „Гибсон/Алберт Кинг“ за најдобар гитарист.
(Фото: Фејсбук)