ВО ВЕЛЕС ПРЕМИЕРА НА МОНОДРАМАТА „КОГА ЗЕМЈАТА МОЛЧИ“ НА ВЕСНА БОБЕВСКА

Велес, (СМАРТ.СДК.МК)

Вечерва (28) ноември во 20 часот на Малата сцена во Велешкиот театар премиерно ќе се изведе монодрамата „Кога земјата молчи“, авторски проект на Весна Бобевска.Монодрамата е инспирирана од романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски.

„Мојата врска со Велика не започна со создавањето на оваа монодрама. Таа започна пред околу 40 години, кога токму со овој лик го полагав приемниот испит за актерски студии. Од тој момент Велика остана во мене. Ја носев низ годините, ја чувствував, ја преиспитував и, на некој начин, постојано живеев со неа. Таа е мајка, сопруга, жена која се бори со војната, гладот, болеста, загубата и неправдата. Нејзината судбина ја надминува историската рамка и станува судбина на безброј жени и мајки чии животи биле разурнати од војните. За мене, ‘Пиреј’ на Петре М. Андреевски е длабок код на македонското постоење, но болката на Велика е универзална и разбирлива насекаде во светот. По четириесет години, јас не се враќам само на еден лик. Се враќам на една своја уметничка и човечка приказна. Четириесет години ја носев Велика во себе. Сега дојде времето да ѝ дадам глас“, вели Бобевска.

Во октомври, таа ја доби наградата за најдобра женска улога на Фестивалот на истражувачки театар „Исола деи Театри“, кој се одржува на Сардинија и годинава се одржа по 31. пат. Жирито ја награди Бобевска „за моќната, мајсторска и длабоко потресна интерпретација“ на ликот на Велика.

П. ПЕЧКОВ