БЕЛГРАДСКАТА ПРЕТСТАВА НА УНКОВСКИ „АЈНШТАЈНОВИТЕ СОНИШТА“ ДВА ДЕНА ИГРА ВО МНТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Денеска и утре, во Македонскиот народен театар (МНТ) гостува Југословенско драмско позориште од Белград, со претставата на македонскиот режисер Слободан Унковски, „Ајнштајновите соништа“.

Текстот е на Ален Лајтман, драматизацијата на Русомир Богдановски, а драматург е Јелена Мијовиќ.

Во претставата, која премиерно беше изведена лани во октомври, играат: Драган Миќановиќ, Радован Вујовиќ, Анита Манчиќ, Бранко Цвејиќ, Наташа Тапушковиќ, Бранка Петриќ, Марија Вицковиќ, Милена Живановиќ, Марко Грабеж, Милица Гојковиќ, Филип Ѓуриќ и Јоаким Тасиќ.

„Тоа не е драма. Нема приказна која е едноставна. Но, има други работи кои ги шират видиците во мозокот и видиците на имагинацијата кај публиката и актерите, кај сите. Дали во Белград има сѐ уште публика за такви претстави, како што своевремено беше ’Птици’, па и некои мои претстави тука, тоа е големо прашање. Но, знаете како, јас навистина сакав да го работам тоа и многу сум среќен, бидејќи Југословенско народно позориште го прифати тоа и храбро влезе во проектот. Мислам дека храброста е многу важна за репертоарот на театарот: доколку театарот не е подготвен да излезе од регуларниот репертоар, тогаш на еден начин тој стагнира. Чекорот кон непознатото е секогаш возбудлив за сите – за актерите, за мене, за театарот и, секако, секогаш е ризичен“, вели Унковски во најавата на претставата.

Сценографијата е на уметничкиот колектив „НУМЕН/Фор јуз“, костимите на Лана Цвијановиќ, а музиката на Златко Ориѓански.

Билетите се продаваат по цени од 1.000. 800 и 600 денари.