13-годишниците, кои завчера спасија патник во автобус да не се задуши, враќајќи се од натпревар по прва помош, велат дека се изненадени од вниманието на луѓето по сторијата за нив во САКАМДАКАЖАМ.МК, бидејќи не направиле ништо необично туку го примениле само она што го научиле на часовите по прва помош.
Ведран Лауренчиќ, Петар Тодоровски и Мила Кочевска, седмооделенци од основното училиште „Кочо Рацин“, завчера попладне враќајќи се од натпревар по прва помош во Црвениот крст, во автобусот со број 57 на трасата кон Капиштец, забележале дека на еден од патниците што седел до нив му е лошо и дека се тресе. Веднаш побарале од возачот да го запре автобусот, а останатите патници му помогнале на човекот да се симне од автобусот. Но, веднаш по излегување од возилото човекот колабирал, а двете момчиња и девојчето му пружиле прва помош, односно го свртеле странично и му ги ослободиле дишните патишта за да не се задуши. При падот човекот ја повредил главата, и 13-годишните деца му ставиле преврска од кутијата за прва помош, која ја добиле како награда за освоеното второ место на натпреварот. Веднаш потоа интервенирала и Службата за итна медицинска помош, од каде велат дека децата правилно му пружиле прва помош на пациентот, кој поради сериозноста на состојбата веднаш бил префрлен на скопските клиники.
„Сите треба да знаат да пружат прва помош, и кога ќе видат некој кому му е потребна помош да не паничат и да се обидат да помогнат“, вели Ведран.
За нивното хумано дело, вчера Црвениот крст на Македонија ги награди со петдневно бесплатно летување во одморалиштето на организацијата во Струга, а градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ, на настан во Градски парк организиран од училиштето, им додели благодарници.
Денеска попладне пак се поканети на прием во резиденцијата на претседателот Ѓорге Иванов.