ВЕЧЕР СО РАСКАЖУВАЊЕ КВИР-ПРИКАЗНИ ВО КИНО КУЛТУРА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва од 21 часот, во Кино Култура ќе се одржи „СРАМОТА! – Вечер на раскажување квир-приказни“, како промо настан за Викендот на гордоста Скопје 2018.

Неколку раскажувачи од јавната, културната, политичката и општествената сфера ќе раскажат кратки приказни за телесниот, родовиот и сексуалниот срам, што ја обележал нивната општествена ненормативност – оттаму „квир“, како она што излегува од рамките на прифатливиот општествен код.

„Со овие јавно изговорени приказни, срамот се превртува и трансформира, исмејаниот станува исмејувачот и срамот се враќа назад кон оние кои се занесени во своите арогантност и привилегија, претпоставуваат дека го имаат правото да бидат родова, сексуална и морална полиција и да понижуваат. Со овие приказни, од срамот за нашите желби, задоволства, однесувања, движења и размислувања градиме наративи на отпор“, велат организаторите.

Годинашни раскажувачи ќе бидат Артан Садику, Никола Гелевски, Ивана Драгшиќ, Кирил Поп Христов-Кили, Маја Марковска и Лејла Каламујиќ. Модераторки, како и минатата година, се Румена Бужаровска и Ана Василева.

Викендот на гордоста Скопје 2018 ќе се одржи по шести пат, од 7 до 10 јуни, во организација на коалицијата „Маргини“ и ЛГБТИ центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет на Македонија.