13-ГОДИШНИК ОД ОКЛАХОМА СТАНА ПРВИОТ ИГРАЧ КОЈ ГО ПОБЕДИЛ „ТЕТРИС“

САД, (Би-Би-Си)

Тинејџер од Оклахома стана првиот играч кој ја победил класичната видеоигра „Тетрис“, 34 години откако беше објавена. Тринаесетгодишниот Вилис Гибсон објави видео на својот Јутјуб канал од моментот кога го достигнува 157. ниво, предизвикувајќи ја играта да се урне.

„Ќе се онесвестам, мислам дека не си ги чувствувам прстите“, вели тој во видеото.

На него му требале 38 минути да ја победи играта, што звучи неверојатно, имајќи предвид дека до пред неколку години се верувало дека е можно да се игра само до 29. ниво.

Легендарната видеоигра беше креирана од советскиот инженер Алексеј Паитнов во 1984 и се здоби со популарност откако „Нинтендо“ ја вклучи во својата понуда во 1989. Во 2010, професионалниот гејмер Тор Акерлунд стигна до 30. ниво, користејќи посебна техника на играње со вибрирање на прстите, но до пред еден месец, само вештачката интелигенција успеа да предизвика уривање на играта.

Гибсон почнал да игра „Тетрис“ на 11 години и лани беше трет на светското првенство во оваа игра.