МОРАМ ДА ЖИВЕАМ ЗА СЕМЕЈСТВОТО, ВЕЛИ ЏЕРЕМИ РЕНЕР ЕДНА ГОДИНА ОТКАКО БЕШЕ ПРЕГАЗЕН ОД ЧИСТАЧ ЗА СНЕГ

Лос Анџелес, (Скај)

Холивудската ѕвезда Џереми Ренер изјави во интервју за Си-Ен-Ен дека има толку многу работи за кои треба да живее, една година по несреќата при чистење снег.

Педесет и двегодишниот актер, кој глумеше и во „Одмаздници“, скрши повеќе од 30 коски и имаше повеќе операции, откако ненамерно беше прегазен од неговиот шесттонски чистач за снег додека се обидуваше да му помогне на својот внук на 1 јануари 2023.

„Имам огромно семејство, имам 10-годишна ќерка. Ќе разочарав и ќе уништев животи на многу луѓе ако загинев и затоа има многу за што вреди да бидам подобар“, изјави Ренер.

Тој додаде дека му е жал што неговиот внук Александер бил сведок на инцидентот и дека знае дека и двајцата треба да закрепнат.

„Во моето закрепнување никогаш не размислував за сопствената болка. Мојот ментален став секогаш беше дека треба да ми биде подобро. Нема друга опција“, рече тој.

Минатата недела, актерот се врати во болницата во Рино, Невада, каде што беше лекуван по несреќата.

„Дојдов да им оддадам почит на децата/суперхероите, докторите, медицинските сестри и персоналот во болницата. Да ги славиме животот и љубовта“, напиша тој на Инстаграм.