„АМАЗОН“ ОТВОРА ПРВА ПРОДАВНИЦА БЕЗ КАСИ И ПРОДАВАЧИ

Сиетл, (Ројтерс)

Компанијата „Амазон“ денеска ќе направи чекор напред кон иднината со отворањето на својата прва продавница без каси, заокружувајќи го експериментот, со чие тестирање почна пред една година.

Продавницата во Сиетл, наречена „Амазон гоу“, целосно ќе се потпира на камери и сензори, кои ќе следат што муштериите земаат од полиците и што враќаат назад. Со тоа ќе се избегнат редиците при плаќањето, бидејќи на купувачите ќе им се наплатува со картица на заминување.

За да почнат со пазарењето, муштериите прво ќе мора да ја скенираат својата мобилна апликација „Амазон гоу“ и да поминат низ контролна точка на влезот. Ако некој помине низ влезот со производ, автоматски ќе му се наплати. Ако муштеријата го врати производот на полица, „Амазон“ автоматски ќе го избрише од неговата виртуелна картица.

„Ваква технологија досега не постоеше. Ова е напредна форма на компјутерска визија и на учење на машините. Ако добро погледнете, некои проивзоди се многу слични“, вели потпретседателката на „Амазон гоу“, Џана Пјерини.

„Амазон“ засега не објави дали ќе отвори вакви продавници и во други градови.