АУДИОКНИГИТЕ СЀ ПОБАРАНИ ВО ВЕЛЕС, ГОДИНАВА ИМАЛО 364.000 ПРЕСЛУШУВАЊА

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Во велешката библиотека се промовирани четири аудиокниги, наменети и за слепи лица. Промоцијата се одржа по повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со инвалидитет и Здружението на слепите лица од Велес, кое е издавач, притоа ги претстави насловите „Модричка тетратка” од Бошко Смаќоски, „Бела Грива” од Рене Гијо, „Мице” од Ванчо Николески и „Златното фенерче на летото” од Рајко Јовчевски.

„Со новите четири изданија, повеќе се посветивме на помладата публика. Овој проект го работиме веќе со години. Живееме во време кога има сѐ помалку време за читање, а аудиокнигата овозможува слобода при читањето и е прикладна за лицата со инвалидитет“, рече Игор Крајчев, директорот на Градската библиотека „Гоце Делчев“.

Претседателот на Здружението на слепите лица од Велес, Тони Пајдаков, посочи дека аудиокнигите стануваат сѐ попопуларни.

„Иако проектот започна со скромни очекувања, денес со гордост можам да кажам дека тие се повеќекратно надминати. Од 2016 имаме речиси еден милион преслушувања, 364.000 годинава, а само во последните 24 часа 5.000“, кажа Пајдаков.

Фондот издаден од Здружението сега брои 16 аудионаслови и 38 книги со Брајово писмо.

П. ПЕЧКОВ