Извршниот директор на „Фејсбук“ Марк Закерберг и сопругата Присила Чен дозволија редок увид во нивниот приватен живот, откако првпат пуштија камери во својот дом во Пало Алто, Калифорнија.

Таму влезе екипата на емисијата „Ова утро“ на Си-Би-Ес, што беше и дел од промоцијата на фондацијата „Чен-Закерберг“, која финансира медицински, научни и други проекти.

Закерберг и Чен се запознале во 2003, а се венчаа во мај 2012 година, само ден откако акциите на „Фејсбук“ излегоа на берза. Тие се родители на четиригодишната Максима и на двегодишната Огаст.

Зборувајќи за тоа како ги одгледуваат, Закерберг, чие богатство се проценува на 74 милијарди долари, вели дека во ништо не претеруваат и дека ги учат на дисциплина и на вредностите на напорна работа.

„Како прво, не им овозможуваме сѐ и мислам дека тоа е многу важно. Тие исто така имаат свои задолженија, мора да заслужат некои работи. Често ги носиме на работа за да видат како и каде заработуваме“, вели 35-годишниот Закерберг.

Тој и Чен поседуваат десетина имоти, но за свој главен дом ја сметаат седум милиони долари вредната куќа во Пало Алто.

Чен вели дека не верувала дека нивниот живот толку драстично ќе се промени по лансирањето на Фејсбук.

„Не можев ни да сонувам во што ќе се развие тоа. Фејсбук беше само негов следен проект“.